ЅИРКАЊЕТО ВО ТУЃИТЕ ЖИВОТИ ИМА СМИСЛА САМО ВО ТЕАТАРОТ – САШКО КОЦЕВ ГО ЧЕСТИТА СВЕТСКИОТ ДЕН НА ТЕАТАРЏИИТЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Театрите низ Македонија, денеска, на Светскиот ден на театарот, пред почетокот на секоја претстава ќе ја прочитаат пораката од актерот од Македонскиот народен театар (МНТ) Сашко Коцев. Ќе се прочита и меѓународната порака, која годинава ја напишаа четворица автори: Сајмон МекБарни од Велика Британија, Маја Збиб од Либан, Рам Гопал Баџаџ од Индија и ВереВере Лајкинг Гнепо од Брегот на Слоновата Коска.

Коцев на почетокот од својата порака вели дека е неопходно, како никогаш досега, да си поставиме прашања.

„Што во суштина модерниот театар треба да третира? Што сѐ треба да се исправи? Отуѓеноста? Бесчувствителноста? Полуписменоста? Политичката состојба? Па да, можеби токму сега, таа го има најсилното влијание, па затоа политиката може да биде театар со своите бројни заткулисни игри. Но, театарот не смее да се претвори во политика. Нашата игра е отворена.

Светскиот ден на театарот е одличен повод токму ние, театарските дејци, да ги симнеме маските и да проговориме за вистината. Да се навратиме, да се потсетиме или да ги освестиме базичните мотиви кои нѐ натерале да се занимаваме со оваа професија.

Но, ако преку театарот, критикувајќи го опкружувањето, создаваме паралелен свет, кој е поубав и похуман и воедно ни служи како средство за сопствена психоанализа и истовремено за себеисцелување, тогаш е крајно себично ние како дејци да заборавиме што е театарска критика. Освен новинарски осврт, веќе подолго време кај нас нема вистинска, писмена, вешта и искрена театарска критика, критика без никаква позадина.

Што нѐ доведе до ова, кој толку многу се плаши од критиката? Несигурните? Неталентираните? Само таа ќе нѐ натера да ја кренеме летвичката погоре, да изнудиме повеќе од себе. Критика која нема да ни дозволи да потклекнеме на барањата на публиката.

И така, еве сме и вечерва да уживаме во нашето богатство, а тоа е повторно да бидеме некој друг. А вие, драга публико, повторно да ѕиркате во нечии туѓи животи. Со тоа што овде е оправдано, овде ѕиркањето во туѓите животи има некаква смисла.

Има претстави што траат по пет часа, но има и пострашно, оние што траат еден, а нам ни се чини дека траат цела вечност.

Затоа, да го избришеме времето денеска. Да заборавиме на него, нека мракот пред претставата биде подолг и потоа силно нека блесне првиот рефлектор кој ги осветлува нашата сигурност и жар во репликите. Како што вели мојот професор: ‘Играј! Играааај! Само играј!‘“, е дел од пораката на Коцев, што ја пренесе Македонскиот ИТИ центар.