Новиот филм на тројниот оскаровец, Стивен Спилберг, авантуристичка научна фантастика „Играч број 1“, од денеска игра во кината Синеплекс и Милениум.
„Играч број 1“ ја следи приказната за тинејџерот Вејд, кој секојдневно е посветен на играта „Оаза“ . Кога ексцентричниот мултимилијардер и творец на играта Џејмс Халидеј умира, во тестаментот наведува дека неговото богатство ќе го добие тој што ќе победи во добро смислениот лов на богатство. Користејќи го својот аватар, Вејд во трка за богатството ќе мора да се спротивстави на моќните противници, кои нема да престанат да напаѓаат и во реалниот свет.
Ова е 33. филм во кариерата на Спилберг, за кој изјавил дека е меѓу најтешките проекти кои ги снимил, по „Ајкула“ и „Спасувајќи го војникот Рајан“.
Музиката за филмот било планирано да ја работи неговиот долгогодишен соработник, оскаровецот Џон Вилијамс, но тој бил зафатен со претходниот филм на Спилберг, „Пост“, па задачата ја добил Алан Силвестри.
На репертоарот на Синеплекс од денеска се и црната комедија „Гринго“ со Шарлиз Терон и крими-трилерот со Хоакин Феникс „Всушност никогаш не беше тука“, кој доби награди за најдобро сценарио и за најдобар актер на ланскиот Кански фестивал.