„ТАНЦ ФЕСТ“ ЈА НОСИ ПРОГРАМАТА „СПОДЕЛИ“ СО 100 ТАНЧАРИ ВО ШТИП

Скопје, (СМАРТ.СДК.МК)

Над сто млади уметници, студенти и професори од девет европски академии и танцови универзитети се дел од програмата „Сподели“ на „Танц фест Скопје“, која од денес до сабота, ќе биде претставена во Центарот за култура „Ацо Шопов“ во Штип.

Вечерва во 20 часот ќе бидат изведени три претстави.

Првата е „Егзистирање“ во која учествуваат студентите на Катедрата за современ танц при Унивезритетот „Гоце Делчев“ во Штип, која е составена од три кратки кореографии: „Што се случи со …мене?“ на Јакуб Мунко, „Без СТОП“ на Матеа Киселичка, и „Егзистирање“ на Рисима Рисимкин чиј асистент на кореографија е Александра Петрушевска.

Музиката за „Егзистирање“ се изведува во живо од тројца музичари: Виктор Филиповски, Владимир Трпковски, Марко Трендафиловски. Во трите кореографии настапуваат: Јована Зајкова, Сара Цветковска, Тереза Лазарев, Артемиса Морина и Бобан Русески.

Втората претстава која ќе се изведе е на Академијата за музика и театар од Литванија, насловена „Бдеење“ во кореографија на Витис Јанкаускас, а настапуваат: Клое Фриер, Маделина Џеферсон, Егле Калибатите и Моника Војсните.

Последната изведба ќе биде на Универизтетот од Линц, Австрија „Антон Брукнер“ .Тие доаѓаат со три кратки кореографии: „Малиот страв“ во кореографија на Дамијан Кортис Алберти, кој воедно е и изведувач, „Времето истече!“ во кореографија на Естер Петрани и „(sw)allow“ на Каи Чун Чуанг.

Фестивалот „Сподели“ за првпат се одржа лани во Братислава, Словачка со цел да се постави платформа за соработка на млади современи танчери.

Во Братислава фестивалот ќе се одржува секоја втора година, а во меѓувреме ќе патува низ земјите учеснички. Прво гостување на фестивалот е во Македонија.

„Сметаме дека ова е огромна можност за сите вклучени млади уметници, да се запознаат и да разменат уметнички енергии, како и креативни идеји, да отворат можност за нови соработки. Македонија и нашата Катедра за современ танц при УГД, преку оваа програма ги промовира своите квалитети и станува дел од европското друштво на актуелната, современа танцова сцена. Ние имаме што да покажеме и со гордост тоа го правиме“, вели Рисима Рисмикин, кореографка, уметнички директор на „Танц фест Скопје“ и вонреден професор на катедрата за современ танц при Штипскиот универзитет.