На 11 ноември од 20 часот во Националната опера и балет ќе се одржи концерт во чест на легендарниот композитор Кире Костов насловен „Летај галебе“, објави „Баги комуникации“.
На концертот ќе се пеат најголемите хитови на Костов, со голем оркестар.
„Ќе настапат пеајчи со кои Кире соработувал низ годините, а и млади пејачи кои ги пеат неговите песни на нивните настапи. Оркестарот е составен од повеќе професионални музичари, а ќе диригира маестро Сашо Татарчевски. Режисер е Дејан Пројковски. Пред концертот, на 15 октомври ќе се промовира монографијата ‘Летај низ солзи мои, галебе мој тажен’, од 19 часот, во книжарницата ‘Литература.мк’ во ‘Дајмонд мол’. Ќе збoруваат авторите на книгата Снежана Атанасова- Чадиковска и Марко Коловски“, ни рече сопругата на познатиот композитор, инструменталист и диригент Кармен Костова, пензионирана професорка по пијано. Монографијата има околу 250 страници е поделена во два дела. Во првиот дел е животот на Кире Костов со повеќе соговорници, неговите пријатели и соработници. Во вториот е опфатено неговото творештво.
Монографијата се промовираше во август во Битола, неговиот роден град каде што ги направил првите чекори во музиката. Костов почина во 2023 на 74 години.
„Немав поим дека Кире има напишано околу 700 песни, не знаев ни дека има снимено толку минути во студијата на МРТВ и како диригент и како трубач, останав вџашена кога дознав. Тој беше скромен човек и за тоа многумина му замеруваа. Еден соработник му велеше дека му е грешка што беше многу продуктивен, што не оставаше доволно време една песна да заживее, тој ги праќаше песните на фестивали брзо една по друга“, рече Кармен Костова претходно за САКАМДАКАЖАМ.МК
Таа вели дека дополнително ќе се објават пејачите кои ќе настапат на концертот, а на промоцијата на монографијата, ќе бидат многу негови пријатели и соработници. Во организацијата, ѝ помагаат нејзините ќерки Нина Костова- Јаневска и Ана Костадиновска, и двете професорки во ДМБУЦ Илија Николовски- Луј.