Камерниот оркестар „Профундис“ ќе настапи на отварање на интернационалниот „Мјуз-Екс Експо фестивал“ кој ќе се одржи од 17 до 19 април во Тирана, Албанија. Како гостинка солистка настапува истакнатата македонска пијанистка Ема Попивода.
„На 17 април, публиката ќе има можност да проследи 40-минутен сценско-визуелен перформанс кој ги
обединува класичната музика, современиот сценски израз и визуелните елементи. Ќе настапиме во соработка со оркестарот на РТШ, претставувајќи современ уметнички концепт. За нас претставува особена чест што токму ‘Профундис’ ќе биде дел од свеченото отворање на еден ваков интернационален фестивал“, вели маестра Ѓурѓица Дашиќ, уметнички директор и диригент на „Профундис“.
„Соработката со Ема Попивода и сценско-визуелниот концепт на проектот отвораат нов простор за
креативен израз. Ваквите настапи се значајни не само за афирмација на оркестарот, туку и за позиционирање на македонските уметници на меѓународната сцена,“ додаде Дашиќ.
„Мјуз-Екс Експо фестивал“ е интернационална платформа која обединува музика, визуелни уметности, креативни индустрии и културни професионалци од повеќе земји. Фестивалот се одржува на мултифункционална сцена во просторот на „Пирамидата“ во Тирана и вклучува концертна програма, конференци и презентации.
„Профундис“ досега има одржано повеќе концерти следејќи ги највисоките стандарди на европските и светски камерни оркестри. Оркестарот имал настапи во престижни сали и на значајни фестивали низ Европа.
Македонската пијанистка Ема Попивода е директорка на Македонскиот културен центар во Тирана, каде
активно работи на промоција на македонската култура и развој на регионални и меѓународни културни
соработки.
КАМЕРНИОТ ОРКЕСТАР „ПРОФУНДИС“ СО ПИЈАНИСТКАТА ЕМА ПОПИВОДА НА ОТВАРАЊЕ НА УМЕТНИЧКИ ФЕСТИВАЛ ВО ТИРАНА
Скопје, (СМАРТ СДК.МК)