Дваесетина ученици од Оркестарот на скопската гимназија „Орце Николов“ добија покана за настап во септември во Њујорк, откако го освоија првото место на Меѓународниот младински музички натпревар (International Youth Music Competition – IYMC).
Како награда за освоеното признание, средношколскиот оркестар доби покана за два концерта во Њујорк, каде што би требало да настапат со македонска народна музика во автентични аранжмани. За реализација на патувањето, потребни им се околу 60.000 евра.
Оркестарот е формиран во 2024 година по иницијатива на ученикот Марко Балоски кој е диригент, заедно со уште двајца негови соученици. Денес има 23 членови и за само две години успеа да освои прва награда на државниот натпревар за оркестри на средни училишта, а потоа и прво место на Меѓународниот младински музички натпревар.
„Оркестарот го формирав во 2024 година заедно со мои двајца пријатели од гимназијата, сосема случајно, без некаква визија за некое достигнување, само едноставен училишен оркестар кој ќе функционира во рамките на гимназијата, секако со огромна желба и нетрпение македонската народна музика да прозвучи во холот на ‘Орце’. Бројката на оркестарот варира поради разновидноста на генерации кои членуваат во него, но моментално оркестарот брои 23 члена и е добитник на прва награда на државниот натпревар за оркестри на средни училишта во Македонија“, вели Балоски.
Тој додава дека апликацијата за меѓународниот натпревар ја испратиле без големи очекувања, а веста за првото место ги изненадила сите.
„Зачудувачки, патот изгледаше многу полесен отколку што очекував, затоа што, да бидам искрен, не се надевав на ваков исход. Аплицирав без никакво очекување, чисто да се каже дека сме си ја пробале среќата, но кога пристигнаа резултатите, тоа беше шок за сите. Повеќето не ни знаеја каде сме освоиле наградата, а да не зборувам за прво место на меѓународен натпревар. Она што мислам дека го освои жирито е токму магијата што може да ја направи македонската народна музика со емоциите на еден човек, неправилниот ритам, хармонијата и кавалот во позадина“, додава младиот музичар.
Освоената награда им донесе покана за два настапа во Њујорк, што, според Балоски, претставува најголемиот успех во досегашното работење на оркестарот.
„Поканата за настапот во Њујорк е најголемиот успех кој го имаме постигнато досега, затоа што говориме за меѓународен натпревар. Ова дефинитивно претставува едно огромно ново искуство за кое можеби многумина се борат. Да бидам искрен, не знам ни јас што да очекувам кога ќе застанам на американската сцена, бидејќи адреналинот, позитивната трема и чувството на гордост и среќа ќе бидат одлична можност за еден диригент успешно да ја претстави својата земја на светската сцена, и најважно, со македонска народна музика. Репертоарот не би сакал да го откријам сега, но она што е сигурно е дека кавалот, хармониката, виолината и гитарата ќе ги отсвират своите први македонски ноти во њујоршката сала“, вели Балоски.

За натпреварот аплицирале со видео од нивниот предновогодишен концерт „Звуците на Македонија во новогодишна хармонија“, а подготовките траеле околу два месеца.
„Подготовките за натпреварот се одвиваа паралелно со подготовките за нашиот предновогодишен концерт. На натпреварот аплициравме со исечок од нашиот последен концерт, за кој се подготвувавме околу два месеца. Мислам дека само упорноста и желбата да се излезе надвор од границите на Македонија беа мотивот никогаш да не се откажам“, додава тој.
За патувањето и престојот на 27-члената делегација потребни се околу 60.000 евра, поради што оркестарот упати јавен повик до институциите, компаниите, банките и сите општествено одговорни поединци и организации да помогнат овој проект да се реализира.
„За успешна реализација на проектот потребни се околу 60.000 евра. Зборуваме за група од 27 патници, па очекувано е цената да биде повисока, со оглед на тоа што времето е премногу кратко. Ако сите се солидаризираме и помогнеме овој музички сон, нашата земја да се претстави во најдобро светло на светската сцена со изворна македонска музика, да стане реалност, и ако сите поголеми и помали претпријатија се вклучат во процесот, ќе успееме. Ние не бараме некој однапред да ја обезбеди целата сума, туку сите заедно, здружено, да дадеме малку за да постигнеме многу“, ни рече Балоски.
Тој вели дека, ако успеат да ги обезбедат потребните пари, младите музичари во септември ќе станат културни амбасадори на Македонија.
М. ЏАРОВСКА