Американскиот музичар Били Џоел (77) ги увери обожавателите дека се чувствува добро по операцијата на мозокот, на која беше подложен поради хидроцефалус со нормален притисок, нарушување кое му беше дијагностицирано во 2025.
Во разговор со обожаватели на неговиот канал на „Сириус Екс-Ем“, Џоел рече дека е свесен оти многумина се загрижени за неговото здравје.
„Знам дека луѓето се загрижени за мене бидејќи прочитале дека имам мозочно нарушување, што звучи многу полошо отколку што всушност е. Добро сум. Рамнотежата не ми е баш најдобра. Малку го изгубив и слухот, но тоа можеби има врска и со моите години, а веројатно не помогнале ниту рокенрол животот и гласната музика. Но, добро сум. Сакам луѓето да не се грижат за мене“, рече Џоел.
На пејачот во 2025 му беше дијагностициран хидроцефалус со нормален притисок, состојба при која доаѓа до прекумерно натрупување на цереброспинална течност во мозочните комори. Поради здравствената состојба тој ги откажа закажаните концерти и се повлече од настапите.
Џоел во септември откри дека бил подложен на операција при која му бил вградена мала цевка за одведување на вишокот течност. Првично не сакал да се оперира, но се предомислил откако дознал дека процедурата може да му помогне со рамнотежата и меморијата.
По операцијата кажа дека забележал подобрување на меморијата и рамнотежата и дека подобро функционира. Во моментов продолжува со закрепнувањето и ги следи препораките на лекарите.
Фото: Шатерсток