Изложбата „Мал формат / МиниАртура“, во организација на Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ), ќе биде отворена вечерва (16 ноември) во 20:30 часот во Културно-информативниот центар (КИЦ) во Скопје.
Во рамките на „Мал формат“ ќе бидат претставени 37 автори со 64 дела, а на „МиниАртура“ ќе учествуваат 27 автори со 47 дела.
Изложбата обединува различни уметнички техники, стилови и авторски пристапи, со акцент на ликовните дела со мали димензии.
Претседателката на ДЛУМ, Јана Манева-Чупоска, вели дека малиот формат не ја ограничува уметничката идеја, туку овозможува посилен и поконцентриран визуелен израз. Според неа, минијатурните дела бараат поголемо внимание кон деталите и создаваат поблиска комуникација со публиката.