„ЗАЈАКОТ И ПАДНАТИОТ ЈАВОР“ НА КРСТЕ РОЏЕВСКИ МЕЃУ НАЈДОБРИТЕ ЏЕЗ АЛБУМИ ВО САД

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Зајакот и паднатиот јавор“ (The Rabbit and The Fallen Sycamore), третиот албум на македонскиот гитарист, пејач и кантавтор Крсте Роџевски кој живее и работи како психијатар во Њујорк, добива одлични рецензии во САД, откако беше објавен од „Мач прифр рекордс“ на 25 мај.

На популарниот музички портал „Стереогам“ албумот е влезен во изборот на најдобри џез албуми на месецот, покрај великани како Хенри Тредгил, Дејв Холанд и Теренс Бланшард.

„Зајакот и паднатиот јавор“ е третиот албум од неговата трилогија „Апоптоза“ (Apoptosis), по „Батанија“ и „Горчливи бадеми“ (Bitter Almonds).

„Пејачот-кантавтор Крсто Роџевски ги сними претходните два албуми со прогресивна екипа на музичари од њујоршката џез сцена. Само погледнете го овој состав: Ингрид Лоброк на саксофон, Брајан Драј на тромбон, Мери Халворстон на гитара, Крис Дејвис на пијано, Мајкл Бланко на бас и Томас Фуџивара на тапани. Музиката, иако повеќе соодветствува со параметрите на инди рокот отколку џезот, се издигнува и тече, на периоди пукајќи на рабовите. Гласот на Роџевски е назален и малку откачен, ме потсетува на Џон Дарниел или Џон Линел, но многу добро се вклопува во кабаре-џез-фолк аранжманот“, стои на „Стереогам“.

Според „Бродвејворлд“, „Зајакот“ може да се пофали со мешање на навидум различни влијанија, како источноевропски фолк, слободен џез, панк и наратив, кои сите заедно опстојуваат на сладок начин.

Критичарот Крис Брејзи го нарекува албумот „музика на судири“.