Телескопот на новиот сателит на НАСА ја испрати првата фотографија, откако тргна во потрага по вонземски планети и сите ги остави без здив.
Вселенското летало ТЕС успеа да фати повеќе од 200.000 ѕвезди во една фотографија, додека тестираше една од четирите камери.
Но, тоа е само мало парче од галаксијата што ТЕС ќе го проучува, барајќи вонземски светови, што е негова примарна мисија, објави НАСА.
„Се очекува ТЕС со своите четири камери да покрие 400 пати повеќе од она што е прикажано на првата тест-фотографија, во текот на почетните две години од својата потрага“, се вели во соопштението на НАСА.
Сателитот е дизајниран да открива нови светови со користење на транзитен метод, што значи дека тој ќе ја набљудува светлината на една ѕвезда во оној момент кога планетата поминува пред својата ѕвезда-домаќин. ТЕС ќе може да создаде слика за орбитите на тие светови и ќе оценува дали на нив има услови за живот.
Севкупно, во видното поле на ТЕС ќе бидат околу 20 милиони ѕвезди и истражувачите се надеваат дека тој ќе открие барем 50 планети со големина на Земјата.
„ТЕС е еден вид извидник. Ние сме на научна турнеја низ целото небо. Ова е како да правиме мапа со благо. Таму има многу кул работи, само треба да ги земеме“, вели Наталија Гереро, научник од проектот ТЕС.