КАЗИНО ДИЗАЈНИРАНО ОД ЗАХА ХАДИД ПОСМРТНО ОТВОРЕНО ВО МАКАО

Макао, (АФП)

Авангардно казино со футуристички линии и челична конструкција, дизајнирано од Заха Хадид, постхумно беше отворено во Макао.

Ирачко-британската архитектка, која почина во 2016 година, беше првата жена што ја освои престижната Прицкерова награда за архитектура.

„За нејзиниот прв проект во Макао, постхумно завршен, две кули се споија со мостови, за да се создадат празнини и да се овозможи колку што е можно повеќе светлина“, изјави Вивијана Маскетола од „Архитектите на Заха Хадид“, опишувајќи го дизајнот како „скок во непознатото”.

Лоренс Хо, директорот на луксузното одморалиште во чии рамки е изградено казиното, изјави дека пред да почне да се гради објектот во 2013 година, сакал да најде светски познат архитект, кој ќе направи нешто откачено.

Полуавтономното Макао е единственото место во Кина каде што коцкањето е легално, со што се добиваат приходи слични како во Лас Вегас.