БИСЕР НА МАРИЈА АНТОАНЕТА ПРОДАДЕН ЗА РЕКОРДНИ 36 МИЛИОНИ ДОЛАРИ

Женева, (Би-Би-Си)

Приврзок со бисер и дијаманти што некогаш ѝ припаѓал на француската кралица Марија Антоанета се продаде на аукција за 36 милиони долари, што претставува светски рекорд за бисер.

Првично проценет на два милиони долари, најголемата ѕвезда на аукцијата на „Сотбис“ во Женева ја достигна конечната цена по жестоко наддавање. Тој беше дел од голема колекција накит што на продажба ја понуди кралската куќа Бурбон-Парма и некои парчиња не биле видени во јавност повеќе од 200 години.

„Ова е една од најзначајните колекции кралски накит што досега се појавиле на пазарот. Таа нуди волшебен увид во животот на нејзините сопственици пред стотици години, но и зборува за исклучителната вештина на оние кои ја изработиле“, изјави заменик директорката на „Сотбис“, Даниела Машети.

Досегашниот рекорд за најскап накит со бисер го држеше ѓердан што некогаш бил во сопственост на кралицата Елизабета Втора, кој во 2011 година се продаде за 11,8 милиони долари.

Севкупно, на аукцијата се продаде накит во вредност од 68 милиони долари.