Гигантот во технолошката индустрија „Епл“ повторно ја оживува својата стара идеја за производство на автомобил, но на неговото излегување ќе мора да се почека најмалку пет години.

Ова го најави угледниот аналитичар Минг-Чи Куо, кој вели дека „епл кар“ треба да се појави на пазарот меѓу 2023 и 2025 година и ќе биде следниот хит производ на компанијата.

За постоењето на студијата „Ајмув“, која се однесуваше на проектот „Титан“, првпат се слушна во 2010 година, но оттогаш малку се дозна за него. Куо смета дека „Титан“ ќе ја револуционизира автоиндустријата на ист начин како што „ајфон“ го редефинираше светот на мобилната телефонија.

„Водечката технологија на ‘Епл‘ ќе ѝ овозможи на компанијата да направи подобро интегрирање на хардверот, софтверот и на услугите од неговите конкуренти во електронскиот, па и во автомобилскиот сектор“, вели Куо.

Извршниот директор на „Епл“, Тим Кук, лани откри дека развиваат софтвер за автономни возила, без да потврди дали размислуваат да направат свој сопствен модел. Во меѓувреме, „Епл“ го ангажираше инженерот на „Тесла“, Даг Филд.