„Застава 101“, едно од легендарните имиња на југословенската автоиндустрија, прослави 50 години. На 16 ноември 1971, во старата фабрика на „Застава“ во Крагуевац беше произведен првиот примерок на автомобилот кој претставуваше пресвртница за возниот парк во тогашната држава и овозможи моторизација на поширокото население.

Развиен врз платформата на „фиат 128“, популарниот „стокец“ беше еден од најмодерните автомобили во Европа во своето време, со попречно поставениот мотор напред, хечбек формата, петте врати и погонот на предните тркала.

Тој се појави четири години пред првиот „голф“, а конкуренти во технички поглед му беа „пежо 204/304“, „симка 1100“ и „рено 12“, како и „ситроен ЦС“, кој тогаш се продавал во Југославија по иста цена како „101“.

Најдобрата година за „застава 101“ била 1979, кога се продал во 88.918 примероци, а за 37 години биле произведени повеќе од милион примероци, со што е најуспешниот модел на „Застава“ и еден од најдолговечните во регионот. На врвот на популарноста, со месеци се чекало на испорака.

Низ децениите, се појавил во повеќе варијанти, како „стандард“, „де лукс“, „101Л“, „конфорт“ и „специјал“. Беше наменет и за извоз, па едно време можеше да се купи и во западна Европа, покрај останатите социјалистички држави.

Производството беше запрено на 20 ноември 2008, по точно 1.045.458 примероци, кога веќе се викаше „скала 55“.