ШЕСТ СКУЛПТУРИ ОД СТАРО ЖЕЛЕЗО И КАМЕН ПОСТАВЕНИ НИЗ ВЕЛЕС ЗА ДЕНОТ НА ГРАДОТ

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Дела од шест автори кои учествуваа на првата скулпторска колонија „Велес 2019“ се поставени денеска на јавни површини на Велес во чест на општинскиот празник 9 Ноември. Авторите од Македонија, Хрватска и Бугарија пред три месеци твореа со старо железо и камен.

„Поголемо од животот“ / „Театарска игра“ (Фото: СМАРТ СДК.МК)

„Авторите ги правеа нивните дела според содржините кои се во околината каде што се поставени“, кажа Илчо Стојановски, технички координатор на скулпторската колонија.

Три од нив се во Младинскиот парк, една е во паркот на Офицерски, една пред НА-МА и една близу Градскиот саат.

„Блажена“ / „Ангел“ / „Балерина“ (Фото: СМАРТ СДК.МК)

Скулптурите „Ангел“ (дело на Весела Стаменова), „Балерина“ (Павел Стаменов) и „Поголемо од животот“ (Никола Ненадиќ) се изработени од отпадно железо. „Велешки гемиџии“ е дело на Горан Стаменков, додека „Блажена“ (Илчо Стојановски) и „Театарска игра“ (Горан Ѓорев) се изработени од мермер.

П. ПЕЧКОВ