„Хјундаи нексо“ е еден од ретките сериски автомобили што имаат погон на водород и францускиот авантурист Бертран Пикард успешно ја тестираше нивната издржливост.

Со цел да промовира ваков алтернативен погон, Пикард постави нов светски рекорд откако со едно полнење помина 778 километри низ Франција и кога стигна на целта, имаше доволно гориво за уште 49 километри.

„Со оваа авантура покажавме дека со чисти технологии веќе не ни требаат револуционерни експериментални прототипи за да соборуваме рекорди. Ова е почеток на нова ера во перформансите, во корист на заштитата на животната средина“, изјави Пикард.

Доколку возеше стандарден автомобил, Пикард ќе ослободеше 111,2 килограма јаглероден диоксид.

„Хјундаи“ го претстави „нексо“ во јануари 2018 како наследник на „тусон ФЦЕВ“ и до 2025 година планира да лансира уште 18 еко-модели. Освен „нексо“, на пазарот моментално се само уште два водородни автомобила: „тојота мираи“ и „хонда клерити“.