Британската кралица Елизабета Втора ја одби наградата што списанието „Олди“ ја доделува на стари лица со посебен придонес, велејќи дека не ги исполнува критериумите. Списанието го објави учтивиот одговор на Бакингамската палата на предлогот 95-годишната кралица да биде следната добитничка на наградата насловена Стара личност на годината (Oldie of the Year), што во минатото ја примија бившиот премиер Џон Мејџор, холивудската легенда Оливија де Хавиланд и уметникот Дејвид Хокни.
„Нејзиното височество верува дека си стар онолку колку се чувствуваш, па смета дека не ги исполнува релевантните критериуми да ја прими оваа награда. Таа се надева дека ќе најдете друг, посоодветен добитник“, стои во писмото потпишано од помошникот на нејзиниот личен секретар Том Ленг-Бејкер.
Кралицата, која остана вдовица оваа година, и натаму е многу активна во исполнувањето на своите кралски задолженија. Нејзиниот покоен сопруг принцот Филип ја прими наградата Oldie of the Year во 2011.
Откако кралицата ја одби наградата, списанието одлучи да ја додели на 90-годишната француско-американска актерка Лесли Керон.