Колекција на голем обожавател на „Спајс грлс“, која содржи костими, кукли, кутии за ужина, чинии, чаши, божиќни крекери, играчки и перници, ќе биде изложена во 12 градови во Велика Британија.
Во големата поставка се прикажани илјадници примероци на производите што ги рекламираа и користеа пејачките, 300 костими што ги носеа на настапи и во спотовите и филмот, но и лименки од „пепси“ и пакети со чипс.
„Уште од мал сакав да собирам работи“, изјави Алан Смит-Алисон пред отворањето на изложбата „Спајс грлс“ во Лондон.
Тој признава дека некои луѓе би можеле да го наречат неговото хоби малку претерано.
„Ги запознав Мел Би, Мел Си и Џери. Би сакал да се запознаам и со Викторија и Ема, но не планирам да висам околу нивните куќи. Ја почитувам нивната приватност”.
Смит-Алисон бил тинејџер кога „Вонаби“ излезе во 1996 година и го променил неговиот свет.
„Во 90-ите години, да си 15-годишник и плус хомосексуалец на моменти знаеше да биде непријатно. Пораснав во Шкотска, во тивко село и не беше секогаш лесно. Не сакам да се сожалувам, но се појавија овие девојки и ми порачаа: ‘Биди кој сакаш да бидеш и ништо друго не е важно‘“.
Смит-Алисон порано работел во хуманитарна организација, а откако го купил првиот костим во 2007 година, сфатил дека сака да ја собере можеби најголемата колекција на „Спајс грлс“ во светот и да направи изложба.
Тој рече дека секогаш ја гледал колекцијата како инвестиција, а со 10.000 однапред продадени билети за изложбата во Лондон, смета дека е во право.