Модерни жени, темнокоси Саудијци и русокоси Источноевропејци ги исполнија златните сали на хотелот „Риц-Карлтон“ во Ријад за почетокот на првата модна недела во Саудиска Арабија (10-14 април).
Моделите и шминкерите кои се подготвуваа за лансирањето на првата модна недела во историјата на Саудиска Арабија велат дека биле изненадени што настанот се одвиваше во родното место на исламот.
На модната недела учествуваат 14 дизајнери од Бразил, Либан, Русија, Саудиска Арабија, САД и од Обединетите Арапски Емирати, а меѓу поканетите гости се легендарни имиња, како Роберто Кавали и Жан-Пол Готје.
„Ние сме многу возбудени, затоа што ова се случува за првпат, затоа што создаваме историја“, вели манекенката Анита Дмикроска.
Строгите општествени ограничувања драстично попуштија под водство на принцот престолонаследник Мохамед бин Салман, кој дозволи јавни концерти, повторно отвори кино-сали и ја укина забраната жените да возат.
Сепак, ограничувања и натаму има. Приемот на отворањето беше отворен за мажи и камери, но само на жените им е дозволено да одат на модните ревии, а беше забрането и надворешно фотографирање.
Жените на јавни места во Саудиска Арабија носат абаја – лелеави фустан-наметки. Но, со неодамнешните реформи, тие во некои градови почнаа да носат и пошарени модели на абаја, понекогаш надополнети со чипка и кадифе или, пак, оставени отворени, за да ги откријат долгите здолништа или фармерки.
Моделите на модната писта не носат абаи.
Лејла Иса Абузид, директорка на Арапскиот моден совет со седиште во Дубаи, кој е организатор на настанот, рече дека се очекуваат околу 1.500 гости, вклучувајќи и 400 од странство.
„Кога луѓето одат на Париската модна недела, хотелите се целосно резервирани. Сакам истото да го постигнам во Саудиска Арабија, двапати годишно. Сакам да создадам платформа за локалните дизајнери да можат да се пробијат во светот”, вели Абузид.
Либанскиот дизајнер Наја Саид дојде во Ријад за да ја прикаже својата колекција.
„Многу сум горд што учествував во ова прво издание на Арапската модна недела во Саудиска Арабија, бидејќи е дел од револуцијата на жените во оваа земја”, рече тој.