Модната куќа „Шанел“ приреди ревија на висока мода во импровизирана медитеранска градина, наспроти снежното и ветровито време во Париз.
Моделите ги носеа креациите низ сценографијата што ја сочинуваше градина со палми и базен, во стилот на вила од Тоскана, што, пак, беше во контраст со снегот што паѓаше на стаклениот покрив на Големата палата.

Во колекцијата инспирирана од 18. век, омилениот период на дизајнерот Карл Лагерфелд, пердувите направија пресврт во класичните костуми од твид, препознатливи за брендот.
Лагерфелд, одговорен за колекцијата и за екстравагантниот сет, не се појави на крајот на ревијата, гест што ги зачуди гостите, меѓу кои беа режисерката Софија Копола и актерката Тилда Свинтон.
„За традиционалниот поклон на крајот од ревијата, господинот Лагерфелд не се чувствуваше добро и ја замоли Вирџини Вијар, директорката на креативното студио, да ги поздрави гостите место него“, стои во изјавата на брендот.