ЛОНДОН УСПЕА ДА ГО ОСВЕЖИ КУЛТНИОТ ПРЕМИН ЕБИ РОУД ПОРАДИ КАРАНТИНОТ

Лондон, (Си-Ен-Ен)

Една од најпознатите улици на светот конечно доби освежување, и тоа благодарение на карантинот во Велика Британија прогласен поради коронавирусот.

Лондонската улица Еби роуд, чиј пешачки премин е магнет за туристи благодарение на истоимениот албум на „Битлс“ и култната фотографија од 1969, сега е празна бидејќи луѓето седат дома, согласно мерките за превенција од КОВИД-19. Се проценува дека повеќе од 300.000 туристи годишно го посетуваат местото.

Тоа им даде шанса на комуналните служби да го бојадисаат и освежат пешачкиот премин во улицата во северозападниот дел на Лондон.

Местото во 2010 беше прогласено за заштитено подрачје од национално значење и со тоа стана прва улица која добила таков статус, па секој зафат мора да биде одобрен од локалната самоуправа.