Шри Ланка ги отвори своите аеродроми за странските туристи. По осуммесечната забрана и затворените граници поради ковид пандемијата, туристите повторно можат да ја посетат Шри Ланка, соопштија властите.
Првиот лет од Украина со 180 патници слета на меѓународниот аеродром Матала во понеделникот.
„Шри Ланка одлучи да ги отвори своите два меѓународни аеродрома за туристи според кои ќе мора да се придржуваат до строгите здравствени упатства. Тоа значи дека гостинот ќе треба да остане во својот хотел првата недела пред да излезе да ги обиколува туристичките дестинации”, рече портпаролот на Министерството за туризам.
Туристите ќе можат да престојуваат само во избрани хотели наменети за нив, додека на локалниот персонал им е забрането да ги напуштаат просториите.
Туристите, кои пристигнаа со негативен ПЦР тест, по слетувањето поминаа на втор тест на аеродромот, по што ќе бидат повторно тестирани, по трет пат во рок од пет дена. Туристите ќе можат да патуваат на 12 дестинации, вклучувајќи три паркови за диви животни, историски храм и сиропиталиште за слонови. Од нив ќе се бара да ги посетат локациите според распоредот за да се минимизира контактот со локалните гости.
Шри Ланка очекува да привлече околу 10.000 туристи во наредните три недели, главно од Русија и Украина, но тие сметаат дека брзо ќе има туристи и од другите држави.
Во Шри Ланка дневно има од 500 до 600 заболени од ковид-19, додека бројот на смртни случаи се зголеми на 191.