ЊУЈОРЧАНИ СЕ СОБРАА НА ТАЈМС СКВЕР ДА ГИ ЗАПИШАТ И УНИШТАТ ЛОШИТЕ СПОМЕНИ ОД 2020

Њујорк, (Ројтерс)

Њујорчани се собраа на Тајмс сквер на манифестацијата „Ден на добро ослободување“ каде што ги запишаа неубавите спомени од 2020 година и ги уништија фрлајќи ги во уништувач за хартија. Како најлош спомен од 2020 тие ги издвоија карантинот, работата од дома и рестриктивните мерки за социјално дистанцирање поради ковид пандемијата.

Асоцијацијата „Тајмс сквер“, која ги промовира локалните деловни активности, го организира настанот веќе 13 години, почнувајќи од 2007. Настанот се случува во близина на местото каде голема кристална топка се спушта на Тајмс сквер во последните отчукувања на Новогодишната ноќ.

Дел од минувачите ги запишуваа непријатните моменти и ги фрлаа во голем уништувач на хартија, додека пак другите се фотографираа покрај поставениот знак „Продолжи понатаму 2020“ .

„Мислам на сите новогодишни празници што некогаш сум ги доживеал, но оваа Новогодишна ноќ е навистина посебна и различна“, рече Џонатан Бенет, организатор на настанот. И покрај намалениот одѕив и во услови на пандемија тој реши да го спроведе настанот.

„На целиот свет навистина му треба оваа 2020 година веќе да заврши и да дојде новата година со подобри моменти“, вели Бенет.