Цело село во Шведска е ставено на продажба и неговата почетна цена на аукцијата што ќе се одржи утре изнесува 7,3 милиони долари.
Сетра Брун се простира на површина од 24 хектари и се наоѓа час и пол возење северозападно од Стокхолм. Основано во 1700 година, во неговиот состав има 70 објекти и важи за угледен спа и велнес центар.
„Селото и неговите недвижнини се регистрирани како друштво со ограничена одговорност и затоа нема ограничувања кој може да го купи“, изјави Јонас Мартинсон од шведскиот оддел на аукциската куќа „Кристис“.
Селото било основано од лекар кој верувал дека околните извори на минерална вода имаат лековито дејство.
„Архитектурата на селото е прошетка низ времето. Од десетте слични села во Шведска изградени во 18. век, Сетра Брун е единственото кое ги зачувало своите историски згради“, вели Мартинсон.
Од 2002 година, селото е во сопственост на 16-мина локални претприемачи.