ПРВАТА ПОШТЕНСКА МАРКА НА СВЕТОТ СЕ ПРОДАВА ЗА ОСУМ МИЛИОНИ ДОЛАРИ

Лондон, (Ројтерс)

Примерок на првата поштенска марка на светот, позната како „Пени Блек“, се продава на аукција, објави „Сотбис“, очекувајќи да се постигне цена од осум милиони долари.

Марката со номинална вредност од едно пени е издадена во 1840 и на неа е отпечатeн профилот на кралицата Викторија. Аукцијата е закажана на 7 декември.

„Ова е првата марка воопшто, претходник на сите поштенски марки и недвосмислено, најважното парче од филателистичката историја што постои. Иако има многу важни поштенски марки во јавни и приватни збирки ширум светот, ова е марката што го започна поштенскиот систем каков што го знаеме“, вели Хенри Хаус, шефот на продажбата во „Сотбис“.

Ова е една од трите „Пени Блек“ марки од првиот тираж за кои се верува дека се зачувани, а останатите две се наоѓаат во Британскиот поштенски музеј.