СПОЈ НА ТРАДИЦИЈАТА И ФУТУРИЗМОТ – „АИДА“ ГИ ОТВОРИ МАЈСКИТЕ ОПЕРСКИ ВЕЧЕРИ (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Мајските оперски вечери синоќа по 47. пат беа отворени во Националната опера и балет (НОБ) со премиерата на Вердиевата „Аида“, под диригентство на Енрико Довико.

Фестивалскиот оган го запали диригентката и уметничка директорка на Операта, Бисера Чадловска, а публиката ја поздравија директорот на НОБ, Васо Ристов, вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев и градоначалникот на Скопје Петре Шилегов.

„Аида“ е работена според продукцијата на театарот „Карло Феличе“ од Џенова. Режијата според италијанската верзија ја адаптираше Дејан Прошев, кореографијата е на Луиза Балдинети, на која ѝ асистираше Саша Евтимова. Познатата приказна за победата на љубовта над смртта низ историјата на древниот Египет ја изведоа оперските пејачи Благица Поп Томова како Аида, Амади Лага (Франција/Тунис) како Радамес, Ирена Кавкалевска како Амнерис, Борис Трајанов како Амонсаро, Владимир Саздовски како Рамфис и Евгениј Станимиров од Бугарија како Фараонот. Тие добиваа аплаузи низ целата изведба, а и на крајот беа поздравени со овации.

„Аида“ ќе се изведе и на затворањето на Оперските вечери на 31 мај, а следната претстава е закажана за в недела, кога е балетот „Лебедово езеро“ со Маја Махатели од Грузија и Артур Шестериков од Русија, првенци на Холандскиот национален балет.

На програмата до 31 мај се и оперите „Лучија од Ламермур“ од Доницети, „Риголето“ од Верди, „Боеми“ од Пучини и „Травијата“ од Верди.

Фото: К. ПОПОВ

Уметничката раководителка на Операта Бисера Чадловска и заменик-министерот за култура Владимир Лазовски
Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ
Советничката за култура на премиерот Заев, Цветанка Ласкова
Цветанка Ивановска, генерален секретар во Собранието 
Водителката на Мајските оперски вечери, Јана Серафимова, вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, скопскиот градоначалник Петре Шилегов и директорот на НОБ, Васо Ристов