Со џез концерт и со еден од најголемите класици на немиот филм „Толпата“, вечерва во 20 часот во дворот на Кинотеката ќе се отвори 11. Филозофски филмски фестивал.
По настапот на „Јордан Костов квинтет“ и проекцијата, онлајн излагање за филмот ќе има проф. д-р Доминик Шато од Франција, чии потесни подрачја на истражување и интерес се естетиката, семиотиката, филозофијата на уметноста и медија студиите, особено филмот. Неговото учество се реализира во соработка со Францускиот институт во Скопје.
Фестивалот ќе трае до 3 јуни. Влезниците за филмовите од Ревијалната програма и од Компетитивната селекција на долгометражни филмови се по цена од 100 денари. Бесплатни ќе бидат проекциите во сегментите Ретроспектива Тарковски во Кинотеката и Компетитивна селекција на краткометражни филмови.