ДО 2050, ДВЕ ТРЕТИНИ ОД СВЕТСКАТА ПОПУЛАЦИЈА ЌЕ ЖИВЕАТ ВО ГРАДОВИ

Њујорк, (Гардијан)

Две третини од луѓето ќе живеат во градови до 2050 година и најголемиот бум ќе се случи во Индија, Кина и Нигерија, се вели во извештајот на Обединети нации.

Моментално, најнаселениот град на светот е Токио со 37 милиони жители, следен од Њу Делхи со 29, Шангај со 26 и Мексико Сити и Сао Пауло со по 22 милиони, а блиску да ја достигнат границата од 20 милиони се Каиро, Мумбај, Пекинг и Дака.

Извештајот предвидува дека Њу Делхи ќе избие на првото место до 2028 година. Некако во исто време, се очекува Индија да ја надмине Кина како земја со најмногу жители.

Околу 55% од светската популација сега живее во урбани средини, што треба да порасне на 68% до 2050 година, за што најмногу ќе придонесат Индија, Кина и Нигерија.

Истовремено, ќе се зголеми и бројот на мегаградови, оние што имаат најмалку десет милиони жители. Во 1990 година ги имало само десет, сега се 33, а до 2030 година се очекува да ги има 43.

Од друга страна, во неколку големи градови во Јапонија и Јужна Кореја, како Нагасаки и Бусан, постојано се намалува бројот на жители од 2000 година, исто како и во некои источноевропски држави (Полска, Романија, Русија, Украина).