70 ДЕЛА ОД ПЕТАР МАЗЕВ ЗА 90-ГОДИШНИНАТА ОД РАЃАЊЕТО

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Во Националната галерија на Македонија Даут пашин амам во 20 часот ќе се отвори големата ретроспективна изложба „Петар Мазев – 90 години од раѓањето“.

Поставката содржи 70-ина дела, работени во различни техники, масло на платно, масло на панел и комбинирана техника на платно и панел.
Станува збор за дела помалку познати или речиси непознати за јавноста, дела кои биле малку или воопшто не биле изложувани.

„Јубилејната изложба, како и самиот автор, е неодминлива, бидејќи станува збор за икона на модерното сликарство во Македонија. Многу уметници и студенти ги согледуваат нивните основни познавања и надградувања преку творештвото на големиот Петар Мазев“, вели директорката на Националната галерија на Македонија, Дита Старова-Ќерими.

Кустоси на изложбата се Маја Неделкоска-Брзанова и Татјана Бундалевска, со стручна соработка на историчарката на уметност и кураторка, Соња Абаџиева.

Неделкоска-Брзанова, виш кустос во Националната галерија на Македонија, вели дека изложбата е пресек на творештвото на Мазев, следејќи го неговиот развоен и творечки пат од самите почетоци во 50-ите години од минатиот век, до неговата смрт во 1993 година.

Абаџиева вели дека Петар Мазев беше сам по себе настан, хепенинг, и во животот и во творештвото.

Како дел од изложбата, Националната галерија издаде и монографија за Мазев, на 240 страници, со текстови на Абаџиева, Викторија Васева-Димеска, Конча Пиркоска, Мирјана Талеска, Владимир Величковски, како и на Старова-Ќерими.