Александра Пешевска од Кумановскиот театар ја понесе наградата за најдобро актерско остварување на фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“ во Струмица, кој годинава се одржа на отворено со претстави од Македонија. Според жирито предводено од ланскиот лауреат Драшко Ѕидар од Хрватска, кој онлајн ги следеше претставите, Пешевска покажала супериорни перформанси во улогата на Кејт во претставата „Телефонот на мртовецот“, во режија на Александар Ивановски.

„Александра Пешевска во оваа ролја манифестира супериорно актерско мајсторство, уверливо досегнувајќи ја зоната на внатрешна чувствителност и креирајќи сложен, но стамен лик распнат низ бурните времиња на човековото опстојување, лик што кореспондира со филозофијата на Исус, а кој живее овде до нас, со нас и во нас“, стои во одлуката на жирито.

Поради пандемијата, годинава на фестивалот се одиграа исклучиво претстави од домашна продукција. Пешевска призна дека ја очекувала наградата, која се состои од 1.500 евра и златен медаљон со ликот на Ристо Шишков.

„Без лажна скромност, се надевав на наградата, бидејќи станува збор за тешка претстава и за габаритна улога. ‘Ристо Шишков‘ е императив за сите актери, бидејќи е награда за најдобро актерско остварување“, рече Пешевска.

В. ТРАЈКОВ