Мадона откри детали за планираниот биографски филм за нејзините живот и кариера, на кој соработува со Дијабло Коди, сценаристката која освои оскар за „Џуно“ во 2007 година.

Шеесет и двегодишната поп кралица кажа дека филмот ќе ги долови нејзините тешки почетоци како уметник, кога како жена се пробивала во машкиот свет.

„Филмот ќе биде среќен, тажен, луд, добар, лош и грд. Во него зборуваме за мојот развој како уметник во Њујорк во раните 1980-ти и за уметниците од тој период, како Енди Ворхол, Кит Харинг и Жан-Мишел Баскија. Да бидам искрена, тоа е еден од најдобрите периоди во мојот живот и еден од најлошите. Се надевам дека ќе успееме да го доловиме тоа возбудливо време за мене“, изјави Мадона во видеообраќање преку Инстаграм.

Таа додаде дека филмот нема да биде мјузикл, но ќе содржи доста музика.

„Коди има напишано сценарио од 107 страници, па очекувам филмот да трае околу два часа“, кажа Мадона за својот сѐ уште неименуван филм.