Мамутите исчезнале пред илјадници години, но американските научници сега имаат собрано доволно пари за да ги воскреснат. Тие се надеваат дека тоа ќе биде можно за шест години со помош на генетскиот инженеринг.

И додека некои експерти се скептични, генетичарот Џорџ Чрч од Универзитетот Харвард вели дека проектот наречен „Колосално“ е веќе почнат.

„Истребувањето е колосален проблем со кој се соочува светот. Ние ги имаме ДНК, технологијата и водечките експерти на ова поле“, соопштија од „Колосално“.

Чрч со години ја промовирал идејата за оживување на мамутите, но му недостигале пари. Тој вели дека инвеститорите му ветиле 15 милиони долари за реализирање на проектот.

„Реално е за очекување дека првото мамутче би можело да се роди во 2027 година“, изјави Чрч.

Сепак, научниците нема да го создадат истиот мамут кој своевремено лутал низ ледените делови на Евроазија и Северна Америка. Место тоа, тие планираат да ги комбинираат клетките на критично загрозениот азиски слон и праисториските гени на мамутот идентификувани од научниците.

„Досега пронајдениот генетски материјал од мамутите не е доволен за да го клонираме ова животно. Со помош на нови технологии, неколку гени од мамутот ќе се вметнат во ДНК на азискиот слон. Станува збор за крајно сложен процес“, вели Чрч.

Ако проектот успее, мамутите би се населиле во природниот резерват на научникот Никита Симов во североисточниот Сибир, близу Арктичкиот Океан.

„Мамутите не би биле опасни по луѓето. Тие никого нема да повредат“, изјави Симов.