БЕЛГИСКАТА ПАРОДИЈА „БЛОКБАСТЕР“ ГО ОТВОРА 43. ИЗДАНИЕ НА МОТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Четириесет и третото издание на Млад отворен театар (МОТ) почнува вечерва (20 часот) во Македонскиот народен театар со белгиската претстава „Блокбастер“ на уметничкиот колектив „Менсуел“.

Рено Врија и Батист Изаја од колективот „Менсуел“, составен од музичари, актери и од видеодизајнери, велат дека „Блокбастер“ е филм-пародија, направен со повеќе од 1.400 кадри, извадени од 160 холивудски филмови.

„Од таа гигантска монтажа се раѓа блокбастер со оригинално сценарио. Мортиер, шефот над шефовите, е навистина засрамен: владата размислува за воведување висок данок. Нема шанси! Во меѓувреме, истражувачкиот новинар Корин Лано пишува колумна за тоа како богатите компании избегнуваат даноци преку офшор компании. Дента пред објавувањето, колумната е цензурирана, а новинарот избркан. Како резултат на ова, се јавува силна реакција, што се шири на социјалните мрежи“, е дел од содржината на перформансот.

МОТ ќе трае до 28 септември, до кога ќе се изведат уште 16 претстави од Македонија, Србија, Словенија, Португалија, Норвешка, Унгарија и Јужна Кореја, а најавени се и концертите на скандинавската експериментална група „Фаер!“ и на египетската изведувачка Надах Ел Шазли.

Билетот за една претстава чини 300 денари.

Б. НЕСТОРОСКА