ЧИТАТЕЛИТЕ ВО БИТОЛСКАТА УНИВЕРЗИТЕТСКА БИБЛИОТЕКА ДОБИЈА ДНЕВНА СОБА

Битола, (СМАРТ СДК.МК)

За посетителите на Универзитетската библиотека „Св. Климент Охридски“ во Битола да се почувствуваат како дома, денеска во установата се отвори дневна соба. Таа треба да биде катче каде што ќе се поврзат локалната заедница, науката, културата и библиотеката. Собата им овозможува на читаталите да го поминат времето во библиотеката во пријатен амбиент, сличен на домашниот, опремен со книги, бестселери, сликовници, дневен печат и секаков вид списанија и стручна литература. Просторот е со слободен интернет пристап и ова ќе биде катче и за изложби, работилници, курсеви, средби и фотосесии.

„Битола добива место каде што сите генерации ќе можат да се среќаваат, учат, да го унапредуваат знаењето и да стекнуваат нови пријатели. Овој мултифункционален центар ќе понуди програма за квалитетно поминување слободно време, литература за сечиј вкус и можности за истражување, дружење и комуникација“, рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Директорот на „Св.Климент Охридски“, Бојан Стефановски, истакна дека дневната соба е правена по терк на современите библиотеки во светот.

„Ова е простор за најмалите, повозрасните, граѓаните од трето доба, маргинализираните групи, лицата со посебни потреби. Сите ќе имаат можност да уживаат во оваа соба. Работното време е од 7:30 до 19:30 часот“, рече Стефановски.

Ж. ЗДРАВКОВСКА