Денеска во скопскиот хотел „Александар палас“ почнаа обуките на наставниците за пилот-програмата за сеопфатно сексуално образование во основните училиштa, кој како изборен предмет ќе биде воведен во септември 2021.
„Ова образование значи знаења за начините на заштита, однесувањето и предизвиците што ги носат пубертетот и развојот до адолесценција. Сексуално образование многу често е поставувано како нешто за што не треба да се зборува во училиште. Но, кога ќе го поедноставиме и ќе кажеме дека зборуваме за ненасилство, прифаќање на себеси и своето тело, градење релации со другите луѓе, создавање партнерски однос и за дискусија за своите емоции, тогаш сите велат ‘да, тоа е потребно‘. Токму затоа, сите истражувања покажуваат дека и родителите и наставниците и учениците имаат потреба од воведување на овие теми во формалното образование, затоа што не секое дете има можност дома да разговара за овие прашања и така неинформирани влегуваат во одредени односи, па често се повредувани, злоупотребувани и неприфатени од околината и себеси“, рече министерката за образование и наука Мила Царовска.
Пилот-програмата во почеток ќе опфати четири училишта, три во Скопје и едно во Тетово и наставата ќе се реализира на македонски и на албански јазик. Таа е резултат на двегодишната работа на Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување ХЕРА, Mинистерството за образование, Бирото за развој на образованието, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за здравство, Министерството за финансии, како и меѓународни организации.