ДВАЈЦА МЛАДИ ПЛИВАЧИ ЦЕЛО ЛЕТО ТРЕНИРААТ ВО ШТИП ЗА ДА УЧЕСТВУВААТ НА МАРАТОНИТЕ НИЗ МАКЕДОНИЈА

Штип, (СМАРТ СДК.МК)

Средношколците Ивона Наумова и Методи Георгиев, членови на пливачките клубови Челични од Штип и Октопод од Скопје, цело лето тренираат во градскиот базен во Штип и се подготвуваат за маратоните на Oхридското и Велешкото Езеро.

Тренираме двапати на ден и мислиме дека сме подготвени за сите пливачки трки што ќе се организираат до крајот на летото во Македонија. Прв предизвик ни е малиот маратон во Охрид, од хотел ‘Парк‘ до градското пристаниште во должина од два и пол километри, но ќе учествуваме и на другите езерски маратони во Македонија, како што е маратонот на езерото Младост кај Велес“, велат младите штипски пливачи.

Тие со активно пливање се занимаваат повеќе од седум години, но жалат што Штип нема зимски базен за да можат да пливаат и во останатите периоди од годината, а не само преку лето. Од таа причина, принудени се да одат во Скопје и таму да тренираат заедно со пливачите од останатите клубови.

Во Штип пред четири години почна да се гради зимски базен и сѐ уште не е завршен. Веќе трета година нема никакви градежни активности на покриениот базен.

Т. ЈОВАНОВСКИ