ЕЛЕКТРОАКУСТИЧНА МУЗИКА ЗА ДЕЦА НА КОНЦЕРТОТ НА КОМПОЗИТОРКАТА АНА ПАНДЕВСКА ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

На 14 октомври со почеток во 12 часот, во Музејот на македонската борба во Скопје ќе се одржи авторски концерт на композиторката Ана Пандевска. На концертот премиерно ќе биде изведен нејзиниот нов циклус пиеси за деца за виолина и електроника, насловен „Детски авантури“.

Станува збор за композиција инспирирана од лектирите од основно училиште што ќе ја изведат младите виолинистки Дина Атанасовска, Хатиџе Салиева и Ема Крстевска, кои работат под менторство на професорите Ерхан Шукри и Аспарух Ќортошев. Влезот е слободен.

Ана Пандевска е една од највпечатливите и најпродуктивни композиторки кај нас. Пишува музика за деца, електроакустична музика, солистички, камерни и оркестарски дела. Дипломираше на Факултетот за музичка уметност во Скопје, членка е на Сојузот на композиторите на Македонија и добитничка на повеќе награди за композиција. На македонската концертна сцена редовно е присутна како со авторски концерти, така и со бројни изведби на дела на македонски и странски ансамбли и солисти.