Европските музички награди на Ем-Ти-Ви, кои требаше да се одржат на 5 ноември, се откажани поради „нестабилноста на светските настани“, објавија организаторите. Церемонијата требаше да се одржи во Париз, но организаторите рекоа дека „ова не е момент за глобална прослава“, наведувајќи го тековниот конфликт Израел-Хамас.
„Со оглед на нестабилноста на светските настани, решивме да не продолжиме со Ем-Ти-Ви наградите за 2023 поради големата претпазливост за илјадниците вработени, членови на екипажот, уметници, обожаватели и партнери кои патуваат од сите страни на светот“, се вели во соопштението на Ем-Ти-Ви.
Меѓу номинираните беа Тејлор Свифт, Оливија Родриго, Бед Бани, Мајли Сајрус и Ники Минаж. Свифт доби најмногу номинации, па требаше да се натпреварува во седум категории.
„Ем-Ти-Ви ЕМА се годишна прослава на глобалната музика. Додека гледаме како продолжуваат да се одвиваат разорните настани во Израел и Газа, ова не изгледа како момент за глобална прослава. Со веќе изгубени илјадници животи, тоа е момент на жалост“, кажаа од Ем-Ти-Ви.
И Франција е во состојба на висока готовност откако Хамас го нападна Израел. Неколку аеродроми, Версајската палата и музејот Лувр беа евакуирани поради закани за бомби, а минатата недела еден наставник по француски беше убиен во градот Арас во, според властите, терористички напад.
Фото: Гети