ГЕРМАНИЈА ЌЕ ВЛОЖИ НАД 500 МИЛИОНИ ЕВРА ВО ОБНОВА НА СВОИТЕ ШУМИ

Берлин, (Гардијан)

Владата на Ангела Меркел вети дека ќе вложи над 500 милиони евра во обновата на германските шуми, кои оваа година беа погодени од разни непогоди.

Една третина од територијата на Германија е покриена со дрвја и шумите играат важна улога во националниот фолклор на земјата, од бајките на браќата Грим до поемите на Гете. Сепак, комбинацијата од бури, суша, пожари и навала на инсекти оваа година уништи големи пространства германски шуми, еднакво на повеќе од 250.000 фудбалски игралишта, што ја натера владата да одржи итен состанок за шумите.

„Секое изгубено дрво е изгубен соборец во борбата против климатските промени. Сѐ што не сме посадиле денес, ќе го почувствуваат нашите внуци“, изјави министерката за земјоделство Јулија Клекнер.

За таа цел, Германија во наредните четири години ќе издвои 547 милиони евра за садење нови дрвја. Министерката за одбрана Анегрет Крамп-Каренбауер вети дека и војската ќе помогне.