На платото на музејскиот комплекс на храмот „Успение на Пресвета Богородица“ во Ново Село вечерва ќе се отвори 37. Штипско културно лето (ШКЛ).
„Ова е прво отворање на ШКЛ во овој култен двор. Годинава, честа да го отвори ШКЛ му припадна на престижниот камерен хор ‘Св. Злата Мегленска‘, а потоа следува концертот на ‘Некст тајм‘ во Домот на младите во Штип“, велат од Дирекцијата на ШКЛ.
Од Општина Штип, која е покровител на годинашнава манифестација, најавуваат дека до крајот на овој месец ќе се одржат повеќе културни настани. Ќе гостуваат музички уметници од САД, ќе има промоции на монографии и на повеќе краткометражни етно-филмови, оперски арии, а програмата од ликовната уметност е доверена на младата и талентирана уметница од Штип, Сара Петров.
На 9 и 10 јули ќе се одржи музички хепенинг кај планинарскиот дом „Вртешка“ на Плачковица.
Т. ЈОВАНОВСКИ