ХРВАТСКАТА ПРЕТСТАВА „ВО АГОНИЈА“ НА ОХРИДСКО ЛЕТО САМО ЗА ПУБЛИКА НАД 18 ГОДИНИ

Охрид, (СМАРТ СДК.МК)

Хрватската претстава „Во агонија“, според драмата на Мирослав Крлежа, ќе се изведе вечерва на Охридско лето, во 21 часот, во предворјето на „Св. Софија“.

Претставата е авторски проект на Нела Кочиш, Озрен Грабариќ и Дарко Стазиќ, кои играат во претставата. Славната драма на Крлежа, дел од трилогијата за Глембаеви, е поставена како жесток судир на тројца луѓе.

„Во фокусот на безвременската приказна за љубовниот триаголник и за подемите и падовите во општеството се наоѓаат сензитивната и разочарана Лаура Ленбахова, која храбро ја поднесува имотната и општествената деградација, работејќи во својот кројачки салон, нејзиниот интимен пријател, адвокатот д -р Иван Крижовец, кој успеал да се снајде во новонастанатите општествени ситуации и мажот на Лаура – пијаница и коцкар, бивш потполковник и бивш затвореник, баронот Ленбах“, велат од Фестивалот.

Според Кочиш, текстот „Во агонија“ е поставен на сите сцени во Хрватска, а со тоа нивните предизвик и одговорност биле уште поголеми да создадат нешто ново и поинакво од драмата која толку пати е режирана.

„Ние експериментираме, истражуваме, настојувавме да создадеме претстава која нема да биде само убава интонација и совршено изговорени реченици на Крлежа, без емотивно покритие. Нашата цел беше да создадеме возбудлива, жива, драматична претстава, што ќе биде поинаква, но, сепак, ќе остане Крлежа“, вели Кочиш.

Претставата не се препорачува за публика под 18 години.

Д. ЧУБРИЌ