ИЛОН МАСК НАЈАВИ ДЕКА ЌЕ ЈА ПОКРИЕ ЦЕЛАТА ЕВРОПА СО ПОЛНАЧИ ЗА ЕЛЕКТРИЧНИ АВТОМОБИЛИ

Њујорк, (АФП)

Извршниот директор на „Тесла“, Илон Маск, објави дека наредната година планира да ја покрие целата Европа со неговите станици за полнење на електрични автомобили.

„Од Ирска до Киев, од Норвешка до Турција, суперполначите на ‘Тесла‘ ќе се прошират низ цела Европа“, напиша Маск на Твитер, каде што има над 23 милиони следбеници.

И тој не планира да запре тука со својата експанзија.

„Во 2020 година ќе ја прошириме нашата мрежа станици и низ Африка“, додаде Маск.

Тој реагираше на ваков начин откако на Твитер му се пожалија дека во Даблин нема доволно полначи.

Компанијата во ноември најави дека ја подготвува европската промоција на „модел 3“, поради што сите постоечки суперполначи на континетот ќе бидат надградени со приклучоци за новиот систем на комбинирано полнење.