ЛАЖНАТА ВЕСТ ДЕКА КУРЦ ГО ИЗБРКАЛ СОРОС ОД АВСТРИЈА ЈА ОБЈАВИ САЈТ ШТО ШИРИ РУСКА ПРОПАГАНДА

Лос Анџелес, (разни извори)

Лажна вест е дека Џорџ Сорос и неговата фондација „Отворено општество“ се забранети во Австрија од страна на најмладиот светски лидер, новоизбраниот премиер Себастијан Курц. Веста, која беше пренесена и во дел од македонските медиуми и споделена на социјалните мрежи од поранешен министер за надворешни работи, првично беше објавена од веб сајтот „Јорњузвајр“, за кој што лондонскиот весник „Тајмс“ во март годинава објави дека е еден од најголемите веб сајтови со лажни вести во САД и дека е ставен на црната листа на специјалната единица на Европската унија за борба против руската пропаганда, „Ист Стратком Таск Форс“

„Најмладиот светски лидер, новоизбраниот Себастијан Курц, го информирал Џорџ Сорос дека неговата фондација ‘Отворено општество’ има 28 дена да престане со работа во Австрија, во спротивно ќе се соочи со тужба за ‘обид за поткопување на демократијата во земјата’“, се вели во лажната вест, објавена на 19 октомври.

Како што објави „Тајмс“, зад „Јорњузвајр“ стои Шон Адл-Табатабаи, поранешен вработен во „Би-Би-Си“ и „Ем-Ти-Ви“, а најголем дел од текстовите ги пишува неговата мајка. Пред референдумот за Брегзит, „Јорњузвајр“ објави дека кралицата Елизабета Втора ќе абдицира ако Велика Британија остане во ЕУ. Приказната беше споделена над 23.000 пати на Фејсбук. „Јорњузвајр“ беше извор и на многу лажни вести пред претседателските избори во САД, вклучувајќи ја и лажната вест дека Хилари Клинтон е поврзана со педофилска мрежа во Вашингтон.

Минатиот месец, „Холивуд Рипортер“ објави дека „Јорњузвајр“ е отстранет и од платформата за рекламирање на „Гугл“, најголема таква во светот, што предизвикало пад на приходите на веб сајтот за 60 отсто.