МАРТА МАРКОСКА ПРОМОВИРА КНИГА ВО ЧЕСТ НА ТАТКО Ѝ ИВАН КАРАДАК

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Вечерва во 19.30 часот, во „Јавна соба“ во Скопје ќе се одржи книжевна работилница „Црни дупки во нас “, насловена според поетската книга на Марта Маркоска.

Авторката вели дека настанот е во чест на нејзиниот татко Иван Карадак, креаторот на најстарата и уникатна сатирична емисија, своевиден бренд на Македонското радио, „Хихирику“, кој почина на 17-ти месецов.

„Поцинично, поиронично и посаркастично не можеше да биде. Баш како Карадак да го пишувал сценариото за текот на претстојниве настани. Пред само три недели објавив дека сакам да го затворам космичкиот циклус што ги запиша ‘Црните дупки’ на мапата на моето постоење, кога животот, поигрувајќи се, отвори нова црна дупка и ме фрли во ново неизвесно патување низ време-просторот. Овој настан го продолжувам во чест на татко ми Иван Карадак (1946-2017), неговите живот и дело, заради љубовта и грижата што ми ги даде и заради кого станав личноста која сум сега“, вели Маркоска.

Поетската книга „Црни дупки во нас “ има и српски препев, во издание на „Граматик” од Белград.

За препевот, содржината и за авторката ќе зборуваат Александра Спасеска и Мите Стефоски, а модератор на настанот ќе биде Милутин Станчиќ.

Организатор на работилницата е Културниот центар на Србите во Македонија, СПОНА. Книгата ќе се продава по цена од 150 денари, а парите од продажбата ќе бидат наменети за хуманитарната акција „Подари радост“.