МКЦ ОНЛАЈН ЌЕ ГО СЛАВИ РОДЕНДЕНОТ НА УМЕТНОСТА В ПЕТОК

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Младински културен центар (МКЦ) оваа година онлајн ќе го слави Роденденот на уметноста, а настанот е закажан за 22 јануари од 18 часот на неговите профили на социјални мрежи.

„По сето сработено во 2020, по толку многу онлајн настани и речиси целосно дигитализирање и на културата и на нашите животи, решивме ова издание на Роденденот да го одбележиме со избор од онлајн настани организирани од/во МКЦ во текот на минатата година. Да, повторно онлајн, но се надеваме, не за долго“, велат од МКЦ.

Во програмата ќе се најдат македонските филмови „Змијулче“, „Сите ќе умреме“, „Скопје 2020“, „Карантин“, „Неонски срца“ и „Девојката што паѓа“, концертните настапи на „Плуто‘с даут“, „Искра“, „Фолтин“ и „Светлост+Одрон ритуал оркестра“, креативната работилница за деца со Биби и Доротеј, претставата „Црнила ремикс“ и Импров група Настап.