МКЦ СО ПРЕМИЕРА НА МЕЃУНАРОДНИОТ ТЕАТАРСКИ ПРОЕКТ „ОРЕСТИЈА 1/4“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Вечерва од 20 часот, во Младински културен центар (MKЦ) ќе има премиера на претставата „Орестија 1/4“, која е дел од „Проект хор“ (The Chorus Project), поддржан од Креативна Европа и во копродукција на МКЦ, Апстарт театар од Лондон, Патос од Минхен и Театар ам Ленд од Грац.

„Основната идеја на ‘Проект хор’ е реобмислување на улогата на хорот во античката трагедија ‘Орестија‘ од Есхил, во однос на денешниот социо-политички и културен контекст и тоа: што значи демократија во 21. век, што значи да се биде граѓанин, што значат Европа и ‘европска иднина’“, вели координаторката на работилниците Јасмина Василева.

Според двегодишниот проект, ќе има четири претстави, а премиерната изведба на сите четири дела заедно е предвидена за фестивалот Млад отворен театар во 2020.

Режисер е Ивица Димитријевиќ, а играат Стефан Вујисиќ, Наталија Теодосиева, Жарко Јовановиќ, Драгана Лошкова и Димитрија Доксевски. Репризата е утревечер.