МНТ ИГРА ВО ПЕКИНГ СО „ГАЛЕБ“ НА НИНА НИКОЛИЌ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Македонскиот народен театар ќе учествува на 20. уметнички фестивал „Средба во Пекинг“ во Кина со претставата „Галеб“ од Чехов, во режија на Нина Николиќ. Претставата ќе се игра на 21 јануари.

„Средба во Пекинг“ го организираат Министерството за култура и туризам на Кина, градот Пекинг и Националната радио и телевизија. Фестивалот се одржува од 2000, а досега учествувале повеќе од 30.000 уметници од над 100 земји од целиот свет.

„Ова е еден од најголемите уметнички фестивали во Кина, а во изминатите години на програмата се најдоа претстави, ликовни изложби, концерти, танци, настапи на отворено и едукативни активности. Уметници од целиот свет ја презентираат својата култура, формите и содржините се разновидни, а фестивалот претставува одлична платформа за промовирање на кинеските уметност и култура низ светот“, велат од МНТ.

Во претставата играат Звездана Ангеловска, Никола Ристановски, Петре Арсовски, Емил Рубен, Благој Веселинов, Дарја Ризова, Дамјан Цветановски, Сашка Димитровска, Тина Трпкоска, Славиша Кајевски и Аксел Мехмед.