МОЈАТА ПРВА ПЕСНА Е УРБАНА ПРИКАЗНА ЗА ТИНЕЈЏЕРСКАТА ЉУБОВ, ВЕЛИ АЊА МИЦЕВСКА ОД БИТОЛА

Битола, (СМАРТ СДК.МК)

Младата пејачка Ања Мицевска од Битола која има 13 години, ја промовираше својата прва песна „За нас“, сношти во Битола, на новогодишен концерт во креативниот центар „Анастасија“. Песната, како што вели таа е урбана приказна за првата љубов во периодот на тинејџерските години.

Текстот го напишаа Ирена Мирчевска Љац и Јулиа Мицевска. Музиката е на Горан Мицевски- Кус, и е динамичен прогресив хаус. Младата пејачка заедно тимот од центарот „Анастасија“ сними и спот за оваа песна. Стефанија Милевска-Враниќ која е сценарист и режисер на спотот, ја осмисли кореографијата. Во спотот покрај Ања учествува и танчарска група од Центарот: Матеја Стојчевска, Уна Димовска, Дејана Магденовска, Мартина Ристеска и Илина Мартиновска. Костимографијата е на Анастасија Зулевска, моден креатор од Битола. Видеото го монтираше Владич Бошковски.