„НА ЗАЈДИСОНЦЕ” ПО СЕДМИ ПАТ ПОЧНУВА УТРЕ ВО ТРПЕЈЦА

Охрид, (СМАРТ СДК.МК)

Утре во Трпејца ќе почне седмото издание на културно-забавната манифестација „На зајдисонце“. До 28 јули, организаторот, здружението „За Трпејца со љубов“, најавува богата програма.

На свеченото отворање на веќе познатата сцена „Кај Бунарот“ ќе се отвори изложба на дела од Свето Стефановски, новинар, публицист, екологист и ликовен уметник, а ќе настапи и музичко-брачното дуо ДИС, Денис Мурат и Стефани Стефановска од Скопје.

Во наредните денови ќе се одржат: традиционалната Променада со кајче по Охридското Езеро со ученици од ОМУ „Методи Патче“ од Охрид, театарската работилница „Театар на отворено“ со актерката Марија Новак, поетската вечер „Поетите за езерото и водата“ со Марина Димовска, филмската вечер на која ќе биде прикажан документарецот „Од Трпејца преку Св. Заум до Св. Наум“ од Томе Љушев-Шпанец и целовечерните концерти на ансамблот „Билјана“, КУД „Фолклористи“ од селото Лескоец и на градскиот хор „Вокс Лихнидос“, под диригентство на Бурим Хидри.

„Од едукативните содржини, вреди да се биде и на заедничката дружба на домаќините и нивните гости од Поградец, здружението ‘Интелектуална жена’, со кое годинава реализираа заеднички прекуграничен проект. Тоа вклучи и заедничка изложба на фотографии, кои ги претставуваат природните убавини на двете места, но и негрижата на човекот кон животната средина. Дел од фотографиите ќе бидат изложени и во Трпејца”, вели новинарот Милчо Јовановски, основачот на оваа културна манифестација.

Традиционални учесници се и членовите на невладината организација „Опција“, кои ќе одржат едукативно предавање за зависностите и за полово преносливите болести.

Организаторот најавува дека сите настани се бесплатни. Традиционално, покровител е Општина Охрид, за првпат со финансиска помош од Министерството за култура.

Д. ЧУБРИЌ