ОДЛОЖЕНИОТ КОНЦЕРТ НА „ТАНЕЦ“ ЗА ВАСКА ИЛИЕВА ЌЕ СЕ ОДРЖИ НА 9 НОЕМВРИ ВО ДОМ НА АРМ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Концертот „Песната судбина“, на „Танец“, посветен на на 100-годишнината од раѓањето на легендарната македонска пејачка Васка Илиева, ќе се одржи на 9 ноември, од 20 часот во Дом на АРМ во Скопје.

Настанот требаше да се одржи на 17 октомври, но се одложи поради смртта на солистот на „Танец“, Далибор Ѓошиќ, кој почина на 10 октомври на 41 година по кусо боледување.

На концертот, солистите и ансамблите на НУ „Танец“ ќе изведат 15-ина антологиски песни од богатиот репертоар на Васка Илиева, а ќе бидат прикажани и архивски материјали поврзани со животот и делото на пејачката на народни песни.

Васка Илиева (1923-2001) својата музичка кариера ја започнала во 1950, токму во Државниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“. Со својот уникатен стил на пеење, многу брзо станала популарна, одржувајќи голем број концерти низ светот. И денес, нејзините изведби на песните „Земјо македонска“, „Имала мајка“, „Излегол невен Пејо“, „Аир да не сториш мајко“ и „Сестра кани брата на вечера“ се белег со трајни вредности за македонската културна историја.